Според наводите на Рос Јанг од DisplaySearch, се очекува дека 2021. година ќе биде одлична за флексибилните смартфони, а тоа посебно се однесува на втората половина на следната година.

Јанг истакнува дека во тој период ќе бидат објавени флексибилни телефони на компаниите Oppo, Vivo, Xiaomi и Google. Секако, следната година се очекуваат и Samsung Galaxy Z Fold3, Z Flip2 и Z Flip Lite. Јанг инсистира на тоа дека очекуваниот Fold3 Lite нема да се појави и дека наместо него, поевтина флексибилна варијанта ќе пристигне во рамките на Flip линијата.

Иако не претставува изненадување што во пазарната трка со своите флексибилни уреди се вклучуваат производителите од Кина, интересно е дека и Google ќе објави еден телефон на преклоп. Се сугерира дека Oppo, Vivo и Xiaomi вкупно ќе претстават четири флексибилни уреди.

Останува да се види дали на листата на претстојните телефони ќе се придружи и моделот што се растегнува, како што е Oppo X 2021 концептот или некој друг уред.