На третиот онлајн настан за два месеца, Apple го претстави својот прв моќен M1 чип, заснован на ARM архитектура, како и новите MacBook Air, Mac mini i MacBook Pro компјутери втемелени на тој процесор.
Историјата се повторува. Mac компјутерите на Apple најпрвин пристигнуваа со Motorola процесорите од серијата 6800, во текот на осумдесеттите, па се до средината на деведесетите години од минатиот век. Потоа беше објавен голем премин на PC архитектурата, која заеднички ја развиваа Apple, IBM и Motorola, што траеше се до 2005. година, кога беше најавена транзиција на Mac компјутерите на Intel x86 архитектура.
По деценија и половина соработка, на годинашниот WWDC беше најавена уште една голема транзиција, веројатно и последна од овој тип – Apple ќе ги покренува своите Mac компјутери со сопствени чипови.
М1 чип
Денеска дојде на ред третиот по ред виртуелен настан на Apple во период од два месеца, под името „One More Thing“. Оваа нивна „уште една работа“, која ја оставија за крајот на оваа година е Mac заснован на процесорите на Apple.
Преминот на сопствени процесори, Apple ќе го почне со M1 чипсетот, што се одликува со 5-нанометарско производство, перформанси и заштеда на енергија и со дури 16 милијарди во 8 јадра – 4 за високи перформанси и 4 за заштеда на енергијата при полесни задачи.
Во споредба со „модерните PC процесори“, Apple вели дека M1 донесува и до два пати подобри перформанси со значително помала потрошувачка на енергија, како за GPU, така и за CPU јадрата, со три пати поголема ефикасност по ват. M1 содржи и neural engine, како и сигурносна енклава. Секако, за искористување на максималната сила на M1 чипот, посебно е прилагоден новиот оперативен систем MacOS Big Sur, па софтверот и хардверот ќе „соработуваат“ како и на iPhone и iPad. Инстантното будење и стартување на апликации ќе бидат меѓу првите функции што ќе ги забележи корисникот, пред да го искуси побрзото процесирање на видеата и музиката, играњето игри или изведувањето наредби на машинското учење.
На Mac компјутерите со M1 чип ќе можат да се стартуваат универзални апликации изработени за x86 и ARM архитектура, а тука е и Rosetta 2, што ќе ги направи новите Mac модели компатибилни и со постарите x86 апликации. Прв пат досега, на Mac ќе можат нативно да се стартуваат мобилните iOS и iPadOS апликации.
MacBook Air
Првиот Mac што беше претставен со M1 чип е новиот MacBook Air, кој со овој процесор ќе биде до 3.5 пати побрз од својот претходник. Однадвор не се разликува од него претерано, туку главните предности се многу поголеми перформанси, новиот дизајн на пасивно ладење без вентилатори и траење на батеријата дури до 18 часа при гледање видео. Почетната цена на новиот MacBook Air изнесува 999 долари.
Mac Mini
Во познатото компактно куќиште се враќа и Mac Mini. Овој пат ќе биде заснован на M1 чипот, па ќе биде околу три пати побрз од минатата генерација. Apple тврди дека неговите перформанси ќе бидат пет пати повисоки од најпродаваниот PC на пазарот (не кажуваат кој), со само 10 проценти од волуменот на просечното PC куќиште. Ќе го поддржува и ProDisplay XDR мониторот на Apple и неговата 6K резолуција, а почетната цена ќе биде 100 долари пониска од минатата генерација – 699 долари.
MacBook Pro
Сите предности на Apple Silicon меѓу првите ќе можат да го искористат и оние кои ќе се одлучат за 13-инчниот MacBook Pro, што ќе биде 2,8 пати побрз од претходната генерација. Освен чипот M1, голема предност на овој модел ќе биде двојно поголемото траење на батеријата – Apple наведува дури 20 часа гледање видео. Надворешниот дизајн и тука останува ист, а не се менува ниту цената, па изнесува од 1299 долари па нагоре.