По објавата на компанијата „Фајзер“ за новата вакцина, сер Џон Бел, професор на медицина на Универзитетот во Оксфорд и член на британскиот штаб за борба против коронавирусот, изрази верување дека животот треба да се нормализира до пролет в година.

Бел е познат како еден од најистакнатите британски медицински експерти, а неговите изјави и ставови имаат специфична тежина не само во Велика Британија туку и во многу други земји, наведува Би-би-си.

Бел изрази ентузијазам со објавата на фармацевтската компанија „Фајзер“ дека ефикасноста на вакцината се проценува на 90 проценти и додаде дека ќе има тешкотии во дистрибуцијата на новата вакцина, но дека тие тешкотии не се несовладливи.

Во интервју за Би-би-си на „Радио 4“, професорот Бел објави дека до крајот на годината и во првите месеци од следната година може да има повеќе од една вакцина во Велика Британија.