Ирската служба за заштита на податоци на корисниците (ДПЦ) денеска покрена две истраги против Facebook, откако изрази загриженост поради управувањето со оваа социјална мрежа со лични податоци на децата на Instagram.

Инстаграм е социјална мрежа во сопственост на Facebook, а како што пренесуваат агенциите, спорни се податоците за е-пошта и телефонските броеви на корисници на возраст под 18 години, кои и се достапни на јавноста.

ДПЦ, главниот правен заштитник на ЕУ за интернет-податоци, добил поплаки од поединци и изразил „потенцијална загриженост“ за ракување со податоците на малолетници на Instagram, изјави заменикот на службата, Грем Дојл.

Ирскиот заштитник започна истрага по жалбата на Дејвид Стајер, американски научник, наведува британски Телеграф.

Истрагата ќе утврди дали Facebook има законско право да управува со податоците и дали обезбедува соодветна заштита на своите корисници на Instagram.

– Оваа истрага се однесува и на тоа дали Facebook ги почитува своите правила за контрола на податоците кога станува збор за малолетници, рече Дојл.

Ирска е центар на многу американски технолошки компании, па затоа ДПЦ стана главен заштитник на Европската унија во областа на социјалните мрежи.

Новите правила му овозможуваат на заштитникот на корисникот да наметне казна од четири проценти од вкупниот светски приход или парична казна од 20 милиони евра.