Snapchat своевремено го промовираше концептот Stories за споделување фотографии и видеа кои сами се бришат. Сега компанијата, заедно со Facebook, сугерира дека иднината на социјалните медиуми изгледа поинаку.

Еван Шпигел, извршен директор на Snap, истакна дека корисниците на Snapchat трошат сè помалку време гледајќи ја содржината на пријателите на Stories, иако компанијата се надеваше дека популарноста на Stories ќе се зголеми за време на пандемијата.

Наместо тоа, корисниците на Snapchat сè повеќе гледаат видеа на Spotlight – кој е ривал на Snapchat за TikTok и прикажува вирални видео клипови од различни креатори.

„Ова е продолжување на трендот што го забележавме во текот на пандемијата. Иако се надеваме дека нашите корисници ќе се вратат на формата на преглед на содржина објавена од нивните пријатели што постоеше пред пандемијата, ние сме фокусирани на иновирање на содржината што ја нудиме за подобро да им служи на нашите корисници денес“, истакна Шпигел.

Извршниот директор на Meta (поранешен Facebook), Марк Цукерберг претходно исто така го идентификуваше TikTok како значаен конкурент. „Луѓето имаат многу избор кога станува збор за начините на кои сакаат да го поминуваат своето време, а апликациите како TikTok растат многу брзо“, вели Цукерберг.

Во период кога и Snap и Meta бележат деловни проблеми, јасно е дека и двете компании гледаат на TikTok како сериозна конкуренција.