Претпродажбата на iPhone 12 и iPhone 12 Pro телефоните почна во петок, а познатиот аналитичар Минг-Чи Куо предвидува дека двата модела забележале вкупно помеѓу седум и девет милиони преднарачки пред да заврши викендот.

Само за споредба, Apple минатата година прогнозираше дека целосната iPhone 11 линија ќе забележи 10-12 милиони преднарачки во текот на првиот викенд од објавата. Минатогодишните модели во текот на првите 24 часа забележале 500.000 до 800.000 нарачани модели, додека само два iPhone 12 модела овој викенд забележаа 1,7 до 2 милиони нарачки.

Куо напоменува дека преднарачките на iPhone 12 Pro моделите ги надминуваат очекувањата на аналитичкиот сектор, со оглед на тоа дека главната база корисници на Apple ги преферира премиум моделите. Исто така, се забележува голема побарувачка во Кина, САД и Европа.

Аналитичарот верува дека iPhone 12 Pro Max и 12 mini ќе се продаваат во доста помал капацитет, но во секој случај се очекува четирите нови модели да забележат нов успех за компанијата Apple.

Куо прогнозира дека iPhone 12 и 12 Pro ќе сочинуваат 30-35% од вкупната испорака на годинашната линија. Од преостанатите два модела, се очекува дека Pro Max ќе биде попопуларен (15-20%), додека mini ќе сочинува 10-15 проценти од испораките.