Компанија Apple својата нова iPhone 12 серија смартфони ќе ја претстави следниот вторник, на 13 октомври.

Apple денеска ги откри датумот и времето на специјалниот дигитален настан со фразата „Hi, Speed“, без алудирање на уредот што ќе биде презентиран. Сепак, со оглед на тоа дека Apple во септември претстави повеќе од очекуваните уреди, компанијата најверојатно ќе го претстави својот најпознат производ.

Тизер фотографијата за настанот не споменува конкретно дека во текот на презентацијата ќе биде претставена iPhone 12 линијата, но сите се надеваат дека тоа ќе биде случај. Со оглед на тоа дека паролата на настанот е „Hi, Speed“, се очекува дека голем дел од настанот ќе биде посветен на 5G конекцијата и A14 Bionic процесорот, што се очекуваат во новите iPhone 12 модели.

Гласините сугерираат објава на 5,4-инчен iPhone 12 mini модел, како и 6,1-инчен iPhone 12, 6,1-инчен iPhone 12 Pro и 6,7-инчен iPhone 12 Pro Max. Се очекува дека сите четири модели ќе имаат нов дизајн со остри агли, сличен како кај iPad Pro и поддршка за 5G мрежи.

Поскапите Pro модели се очекува да имаат куќиште од стакло со рамка од нерѓосувачки челик, систем со три камери и LiDAR сензор, додека поевтините iPhone 12 модели ќе имаат алуминиумска рамка и две камери на задната страна.

Во текот на настанот би можеле да видиме и нови Apple слушалки, ажурирано Apple TV и нов HomePod звучник, но можно е тие да бидат објавени само преку соопштение за медиумите.