Компанијата Tesla продолжува да го освојува пазарот на автомобили па сега планира да понуди компактен хетчбек со пристапна цена.

Основачот и директорот на Tesla, Елон Маск го најави новиот автомобил кој најверојатно ќе биде редизајнирана и адаптирана верзија на постојниот Model 3 – модел кој ќе биде наменет за европскиот пазар. Најверојатно, новиот автомобил ќе се произведува во Берлин.

Во своето обраќање до инвеститорите и аналитичарите, Мaск рече дека „неговата компанија мора да започне со производство на автомобили со пристапна цена“.

Обраќајќи се на инвеститорите и аналитичарите преку конференциски повик, Маск истакна дека неговата компанија „нема да успее во својата мисија ако не произведува прифатливи автомобили“. Тој додава дека автомобилите на Tesla не се доволно прифатливи во моментот и дека тоа треба да се реши.

Најверојатно, новиот модел нема да го видиме наскоро затоа што Tesla допрва треба да започне со производство на камионот Semi, супер автомобилот Roadster и пикапот Cybertruck. Како и да е, овој ценовно подостапен модел на Tesla ќе и овозможи да има ривал на моделот ID.3 на Volkswagen.