Кинеските вселенски амбиции добија нов интензитет. Денеска тројца астронаути пристигнаа на новата кинеска вселенска станица.

Вселенското летало Шенжу 12 се упати кон модулот на вселенска станица Тијанхе од центарот за лансирање Џикуан во северозападната провинција Гансу.

Слетувањето на станицата се извршило автоматски, објавија кинеските медиуми. Тоа е првата кинеска вселенска мисија со екипаж во последните пет години. Тројцата кинески астронаути се очекува да поминат три месеци во орбитата на Земјата, што е најдолг престој на Кинези во вселената. Тие ќе помогнат да се заврши првата кинеска вселенска станица.

Изградбата започна во април со лансирање на Тијанхе, првиот и најголемиот од трите модули, а станицата се очекува да биде завршена следната година.

Астронаутите Ни Хаишенг, Лиу Боминг и Танг Хонгбо имаат намера да ги испитаат важните функции на главниот модул и да спроведат научни експерименти за време на нивниот престој во вселената. Уште тројца астронаути треба да полетаат во станицата во октомври.

За да се заврши вселенската станица, ќе бидат лансирани уште два лабораториски модули, секој со тежина од околу 20 тони. За 2022 година се планирани уште два товарни лета и две мисии со екипаж. Доколку Меѓународната вселенска станица (ISS) престане да работи, како што беше планирано, во следните неколку години, Кина ќе биде единствената земја што ќе има постојана станица во вселената.

Извор: Jutarnji.hr