Американските технолошки гиганти Apple и Google објавија дека работат заедно на напредна платформа за борба против коронавирусот. Нивниот проект, според заедничката изјава, ќе им овозможи на корисниците анонимно да ги следат своите физички контакти преку блутут, за да можат да знаат дали имале контакт со заразено лице.

Решението ќе биде достапно за сите корисници на Android и iOS и секој ќе може да избере дали да ги сподели своите податоци со другите корисници. Слични технологии се користат во азиските земји како Сингапур, но корисниците морале да доставуваат информации за нивните движења и контакти до владите.

На овој начин владите нема да бидат директно вклучени, податоците ќе бидат заштитени и анонимни, а апликацијата нема да ја следи локацијата на корисниците, туку само контактите. Следењето контакти на заразеното лице е еден од клучните чекори за повторно отворање на државите, но не постои соодветна технологија за да се овозможи ова без проблеми со приватноста на податоците.

Како што беше најавено, системот ќе работи со тоа што ќе овозможи секој корисник да ја вклучи или исклучи можноста за набљудување. Доколку е вклучен, системот активно ќе памти со кои други корисници сте се нашле во близина, користејќи блутут врска.