Компанијата Apple, чија берзанска вредност се приближува до границата од 1.000 милијарди долари, забележа резултати подобри од очекуваните во второто тримесечје, благодарејќи на повисоките цени на iPhone уредите.

Apple соопшти дека продал 41,3 милиони iPhone уреди во тримесечјето до крајот на јуни, што е скромен пораст од еден отсто во однос на минатата година. Меѓутоа, компанијата повеќе од предвиденото го надополни тој мал раст на продажба со зголемените цени на смартфонот. Во тој сегмент приходот се зголеми за 20 отсто, достигнувајќи речиси 30 милијарди долари.

Компанијата нагласи дека iPhone Х, промовиран минатата година и кој се продава за 999 долари, и понатаму е најпопуларен модел во вториот квартал, поттикнувајќи повисоки продажни цени.

Просечната продажна цена на iPhone достигна 742 долари, многу повеќе од очекуваните 694 долари.

Благодарејќи на добрите резултати, акциите на Apple се зголемија 4,03 отсто, односно 197,95 долари во електронското тргување по затворањето на Волстрит, што е десетина долари помалку од достигнување на берзанската вредност од 1.000 милијарди долари.

Apple ќе биде првата приватна компанија која ќе ја надмине границата од илјада милијарди долари.