Минатата година, Apple ја објави програмата Self Service Repair, која им овозможува на корисниците пристап до оригинални делови за поправка на Apple iPhone, а програмата сега е лансирана во САД.

Сопствениците на IPhone можат да избираат и да нарачаат делови од продавницата за поправки на Apple Self Service, а можат да ги испратат и своите стари делови кои ќе бидат вклучени во цената. Постои и опција за изнајмување алатки за 39 долари неделно, така што корисниците не мора да купуваат специјална опрема за да го сервисираат својот телефон.

Продавницата на Self Service Repair нуди дисплеи, батерии, звучници, модули за камера, слотови за SIM и мотори Taptic, како и голем број резервни делови. Програмата вклучува телефони од сериите iPhone 12 и iPhone 13, како и iPhone SE 2022.

Apple напоменува дека Self Service Repair е наменета за поединци кои имаат искуство и ја знаат сложеноста на поправка на електронски уреди. Исто така, компанијата посочува дека поправката на iPhone со делови од програмата Self Service Repair нема да ја поништи гаранцијата, иако нема да биде покриено хардверското оштетување кое ќе се случи за време на процесот на поправка.

Apple, исто така, истакна дека програмата Self Repair во одреден момент ќе биде проширена на Apple Mac уредите, како и на дополнителни региони како Европа, кои програмата ќе ја добијат подоцна оваа година.