Американските здруженија го обвинија YouTube и неговата матична компанија Google, за собирање на лични податоци на деца, за да можат полесно да ги „таргетираат“ за реклами. Според американските власти, ова е нелегална практика на која мора да и се стави крај.

23 организации за заштита на правата на децата и на дигиталните права поднесоа жалба до американскиот трговски регулатор – ФТЦ – инсистирајќи тој да спроведе истрага за овие практики на Google и YouTube.

Според организациите, Google собира лични податоци од својот сервис за малолетници, иако оваа страница е официјално забранета за лица под 13 години. Меѓу податоците кои се „складираат“ во серверите на Google се и податоци за локациијата на децата, средствата кои ги поврзуваат на Интернет, дури и нивни телефонски броеви.

„Google ги собира овие информации без претходно да ги информира родителите. Ги користи за свои цели низ целиот свет“, велат организациите.

Според тужителите овие практики се во спротивност со законот од 1998 година, со кој се забранува сајтови наменети за деца или за кои се знае дека се користени од деца, да собираат или да користат лични информации без согласност на родителите.

Портпаролот на YouTube изјави дека заштитата на децата и нивните семејства е приоритет за компанијата.