Судејќи според се, Microsoft ќе пропушти можност да им ги понуди на купувачите своите in-ear слушалки Surface Earbuds, за време на претстојната празнична сезона. Нивната продажба се очекува да започне дури во текот на пролетта 2020 година. Панос Панај, главен директор на производи на Microsoft, истакна дека на компанијата и треба малку повеќе време за да ги „испегла“ сите детали за производот.

Microsoft планираше да го лансира Earbuds за време на сезоната на празници, по цена од 249 долари. Со овие слушалки, исто така, во пакетот се добива и кутија која истовремено е и полнач, а најавено е дека едно полнење би било доволно за 24 часа работа на слушалките. Тие би требало да понудат и интеграција со Office 365, како пристап до Outlook и календар низ гласовни команди. Исто така, слушалките би требало да овозможат превод во реално време на 60 различни јазици. Ќе биде понудена и интеграција со Spotify, со контроли осетливи на допир.

Компанијата вети и други напредни функции за Earbuds, кои вклучуваат контрола на PowerPoint презентации и спарување со еден клик. Очигледно е дека Microsoft не успеа сето тоа да го обедини во првобитно замислениот рок, па тоа е најверојатно причината зошто дошло до ова одложување.