Американските власти почнаа со лобирање кај своите сојузници против користењето опрема, произведена од кинеската компанија Huawei, објави весникот Wall Street Journal.

Весникот наведува дека американски функционери, наводно се среќаваат со свои странски колеги и директори на телекомуникациски компании во нивните земји, предупредувајќи ги на ризиците и сомнителната кибернетичка безбедност поради користење Huawei уреди.

Челните луѓе на безбедносните агенции FBI, CIA и NSA изразија загриженост дека Huawei, но и други кинески компании, се во подредена положба поради можни долговори кон кинеската Влада или владејачката Комунистичка партија, пто го зголемува ризикот од шпионажа.

Во мај годинава, американското Министерство за одбрана веќе забрани употреба на Huawei и ZTE телефони, а сега се обидува да ги забрани и во партнерските земји, наведува весникот.

Според Wall Street Journal, Вашингтон размислува за зголемување на финансиската помош за развој на телекомуникации за оние земји кои нема да употребуваат кинеска опрема. Американската Влада посебно е загрижена поради користењето кинеска телекомуникациска опрема во државите каде има воени бази, како што се Германија, Италија и Јапонија.

Huawei сè уште не ги коментираше овие обвинувања.