Дури 40 проценти од анкетираните се претплатени и барем еднаш неделно гледаат видео содржини на некој од стриминг услугите како Netflix

Стриминг услугите бележат голем раст на популарноста и бројот на корисници, а гледањето на видео содржини (филмови, серии и слично) на барање опасно се заканува според бројот на гледачите и часовите на гледаност да ја престигнат класичната, линеарна телевизија. Тоа го потврдува и најновото интернет истражување на компанијата GlobalWebIndex  спроведено на скоро 73 илјади испитаници.

Податоците добиени со анкета на Интернет покажуваат дека 73 проценти од луѓето барем еднаш неделно ја гледаат линеарната телевизија и ја следат нејзината програма тогаш кога ја емитуваат телевизиските куќи. Дури 40 проценти од испитаниците се претплатени и барем еднаш неделно гледаат видео содржини на некој од стриминг услугите како Netflix.

Помеѓу овие два податока се смести и бројот на оние кои гледаат програма од класичната телевизија, но не додека се емитува, туку го надоместуваат пропуштеното и ТВ програмата барем еднаш неделно ја гледаат преку Интернет на барање – такви според ова истражување ги има 49 проценти во светот.

Помладите корисници (на возраст меѓу 16-24 години) кои се предводници на конзумирањето содржини од разните дигитални платформи,  помалку редовно ја гледаат линеарната телевизија – неделно тоа го прават околу 59 проценти од нив.