По големиот успех на паметниот звучник Amazon Echo, и неговата напредна верзија Echo Look со вградена камера, оваа недела добивме уште една варијанта на смарт звучникот „за по дома”. Amazon го претстави својот трет и најскап паметен звучник – Echo Show.

Овој уред го исправува она што многумина го истакнаа како најголем недостаток на претходните генерации – немањето екран. Echo Show има покрај звучниците и сите опции на виртуелен помошник и вграден дисплеј осетлив на допир, како и камера. Освен пуштањето музика и на пример, читање вести, рецепти и временска прогноза, Echo Show може да прикажува и слики, интернет страници и видео записи, како и бројни други содржини. Исто како и неговите претходници, може да послужи и за контрола на уредите во состав на паметниот дом.

Освен тоа, овој уред може да послужи и за видео повици, со што Amazon прв пат се наметнува како конкурент на Skype, FaceTime и останатите слични апликации. Но, по пат на овој звучник меѓусебно можат да комуницираат само сопствениците на истите такви уреди или пак корисници на Alexa апликацијата.

Во склад со спецификациите, Amazon овој звучник го стави во продажба и по нешто повисока цена од досегашната. Уште сега е можно да се нарача по цена од 229 долари.

https://www.youtube.com/watch?v=WQqxCeHhmeU