Компанијата LG во текот на минатогодишниот CES саем ја претстави Signature Series OLED TV R, телевизор од 65 инчи кој се издигнува од база од брусен алуминиум. Во текот на CES 2020, јужнокорејската компанија ќе го претстави својот најнов телевизор кој може да се свиткува.
Во прашање е 65-инчен UHD OLED дисплеј кој се одмотува од плафонот. LG истакнува дека екранот може „да се повлекува надолу по потреба или да се свиткува кога не се користи, со што се максимизира просторот“. LG не објави конкретни детали за уредот, но повеќе детали се очекуваат во текот на CES саемот, кој почнува следната недела.
Компанијата во Лас Вегас донесува уште неколку други дисплеи. Се очекуваат и три специфично дизајнирани за авиони: серија 55-инчни видео ѕидови за авионски кабини; 55-инчен Full HD Transparent OLED дисплеј, кој функционира како сепаратор на редови/премини и екран; потоа 65-инчен UHD Bendable OLED екран, кој е флексибилен на двете страни и дизајниран специфично за прва класа.
За стандардните корисници, LG подготви 88-инчен 8K Cinematic Sound OLED дисплеј со 11.2-канален систем, 77-инчен UHD Film Cinematic Sound и Wallpaper OLED со тенок екран. Во овие два дисплеја се вградени звучни системи.
Тука се и новите решенија за автомобилската индустрија, како што се Plastic OLED дисплеи во различни големини, како и интерактивни in-TOUCH дисплеи за комерцијални простори.