Прегреана батерија на iPad таблет довела до евакуација на купувачите во продавницата на Apple во Амстердам. Таблетот бил ставен во корпа полна со песок, што најверојатно ја елиминарало потенцијалната закана од експлозија.
Инцидентот се случил во неделата во попладневните часови, а пожарникарите веднаш пристигнале на местото. Проблемот бил експресно саниран и околу 3 часот попладне салонот бил повторно отворен за купувачите.
Иако во продавницата немало чад, неколку луѓе се пожалиле на респираторни проблеми по инцидентот. Не е познато дали тие биле купувачи или вработени во продавницата.
Иако литиум-јонските батерии се прилично безбедни, тие сепак можат да претставуваат закана во одредени ситуации. Батериите можат да експлодираат или да се запалат, доколку веднаш не се детектира дека дошло до истекување или прегревање.
Ова не е прв инцидент со прегреана батерија во Apple продавница, а еден од тие се случил неодамна и во Цирих.
iPad-от на Apple користи батерија со поголем капацитет од таа на iPhone 6 plus, кој беше прегреан во Цирих, па така брзата реакција на вработените од продавницата во Амстердам спречила поголема катастрофа.