Германскиот министер ја повика ЕУ да ја врати контролата врз својот дигитален простор.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек ја критикуваше контролата на Силиконската долина врз европскиот дигитален простор и ја повика ЕУ да не се потпира на „технолошките олигарси“ како милијардерот Илон Маск и да создаде сопствена комуникациска платформа.

„Најмоќниот човек во светот, претседателот на САД и најбогатиот човек на светот, Илон Маск, ги здружија силите за да ги елиминираат границите на моќта. Тоа не може да биде во наш интерес“, рече Хабек, според бриселскиот Политико.

Хабек го обвини Маск и другите американски технолошки гиганти дека промовираат лицемерна визија за „слободен говор“, додека нивните деловни модели и алгоритми строго ги чуваат како „државни тајни“.

„Треба да се регулираат. Доколку е потребно, регулирани на начин што е во согласност со нашите вредности“, рече тој.

Хабек оцени и дека европските регулативи се несоодветни.

„Зошто немаме своја германска или европска комуникациска платформа? Не можеме да зависиме од кинеските алгоритми или екстремно десничарските фантазии на Илон Маск кога станува збор за обликувањето на нашата демократија“, рече Хабек.

Тој ја повика Европа да ја врати контролата врз својот дигитален простор, не само кога станува збор за социјалните мрежи, туку и во сите индустрии каде што „технолошкото лидерство го напушти континентот“.