Кина ги третира своите хуманоидни роботи како граѓани, доделувајќи им на секој од нив уникатен ID код – од „раѓање“ до рециклирање.
Кина започна национална програма која ќе му додели на секој хуманоиден робот произведен во земјата уникатен дигитален код за идентификација. Тоа е во суштина матичен број на граѓанинот, но за двоножни машини (оние што можат да балансираат и да одат или да трчаат на две нозе).
Иницијативата, наречена „Платформа за услуги за управување со целиот животен циклус на хуманоидни роботи“, беше објавена неодамна. Програмата ја води Комитетот за стандардизација на хуманоидна роботика и отелотворена интелигенција, кој е под покровителство на Министерството за индустрија и информатичка технологија на Кина.
Кодовите на машините се поделени на четири дела. Додека двоцифрен национален код ги следи меѓународните пратки и продажба, четирицифрен код на производителот ја следи компанијата што го изградила роботот.
Потоа следи шестцифрен код на моделот на производот што го идентификува типот на робот, заедно со 17-цифрен сериски код што ги разликува поединечните единици една од друга. Целта е да се следат хуманоидните роботи од производството, низ целиот нивен животен век, па сè до рециклирањето.
Според јануарското истражување на компанијата IDC (како што е наведено во извештајот), глобалниот пазар на хуманоидни роботи пораснал за 508% само минатата година, со околу 18.000 испорачани единици низ целиот свет, при што кинеските производители го предводат растот.
Кина веќе има над 100 производители на хуманоидни роботи, а повеќе од 28.000 роботи од 200 различни модели веќе ги добиле своите дигитални идентификатори дури и пред платформата официјално да биде објавена во јавноста.
Ју Сјуминг, заменик-шеф на Кинескиот институт за електроника и стандардизација, рече дека системот е дизајниран да ги реши клучните прашања поврзани со безбедноста, следењето и управувањето. Кинеската индустрија за хуманоидни роботи се развива побрзо од регулаторната рамка, па затоа овој систем за идентификација не е толку мерка за надзор, туку повеќе поставување на индустриска инфраструктура – вид на стандардизација што е неопходна пред проширувањето на глобалниот пазар.
