Патиштата ќе бидат изградени во Токио, а крајниот рок за завршување е 2020 година, пред почетокот на ЛОИ

Владата на Јапонија ги објави плановите за изградба на „соларни патишта“ кои ќе собираат енергија од сонцето преку соларни панели инсталирани под површината на патот. Тие ќе бидат изградени во Токио, а крајниот рок за завршување е 2020 година, пред почетокот на ЛОИ во овој град.

Овој потег е дел од напорот да се промовира Токио како еколошки град на домашна сцена, но и на странска, пред почетокот на Олимпијадата.

Новите технологии би требало да бидат претставени во текот на пробната фаза на државно земјиште уште во текот на наредната фискална година. Во мај оваа година ваков соларен пат беше изграден во паркот на една од продавниците Seven-Eleven во Сагамихара, Канаава.

Ваквите патишта се составени од систем на соларни панели инсталирани на патот, а површината на панелите е прекриена со посебен материјал кој ја зголемува нивната издржливост. Слични соларни патишта веќе беа претставени и инсталирани во Франција и на велосипедските патеки во Холандија.

„Соларниот систем на патиштата генерира 16.145 киловат часови електрична енергија годишно, покривајќи околу 9% од целосната струја која ја троши продавницата“, вели менаџерот на Seven-Eleven продавницата во Сагамихара.

Градската власт на Токио се насочува кон нови технологии кои ќе откријат потенцијални обновливи извори на енергија. Тие имаат план до 2030 година да успеат да направат 30% од целосната енергија да доаѓа од обновливи извори.