Samsung обично ги опремува своите телефони од средна класа со три или четири камери. Сепак, почнувајќи од следната година, моделите од средната класа на јужнокорејската компанија би можеле да имаат една камера помалку.
Според извештаите на медиумите од Кореја, Samsung одлучил да ги отстрани камерите со сензори за длабочина од своите телефони од средната класа. Извештајот тврди дека Galaxy A24, Galaxy A34 и Galaxy A54 ќе имаат по три камери: главна, ултра широка и макро.
Galaxy A24 би можел да има главна камера од 50 MP, ултра широка 8 MP и макро од 5 MP. Наводно, Galaxy A34 ќе има главна камера од 48 мегапиксели, ултра-широка од 8 мегапиксели и макро од 5 мегапиксели. Невообичаено, во извештајот се споменува дека Galaxy A54 ќе има главна камера од 50 MP, ултра широка камера од 5 MP и макро камера од 5 MP. Се верува дека е печатна грешка, кога станува збор за резолуцијата на ултра широката камера, која е послаба од онаа на моделите Galaxy A24 и Galaxy A34.
Се верува дека овој потег на Samsung, кога се во прашање камерите, е направен со цел да се фокусира на преостанатите камери и да се намалат трошоците што ги создаваат длабинските камери.
Јужнокорејската компанија веќе почна да нуди OIS во своите телефони од средна класа, па се верува дека наскоро ќе имплементира телефото камери на своите модели од средната класа.