MediaTek сериозно им конкурира на најголемите производители на чипови со својот Dimensity 9000 модел.
Кога ќе помислите на најпопуларните и најмоќните чипови за смартфони, Qualcomm Snapdragon и Apple Bionic веднаш доаѓаат на ум. Exynos на Samsung, исто така, работи добро во последниве години.
Иако MediaTek создава сопствени чипови, производите на компанијата најчесто се наоѓаат во уредите од средна и пониска класа. Сепак, тоа може да биде променето бидејќи MediaTek има потенцијал целосно да го наруши пазарот со својот Dimensity 9000 чипсет.
Според протечениот бенчмарк тест на споменатиот чип, Dimensity 9000 наводно освои 1309 поени во тестот со едно јадро, како и 4546 поени во тестот со повеќе јадра на Geekbench.
За споредба, ова е подобар резултат од она што го постигна Snapdragon 8 Gen 1 на истите тестови на Galaxy S22 Ultra, со 1224 и 3445 поени. Покрај тоа, тој е блиску до резултатите на Apple A15 Bionic чипот, кој на тестовите освои 1733 и 4751 поени.
Останува да видиме дали тоа ќе загрижи одредени компании, посебно ако се знае дека Dimensity 9000 се очекува кај телефоните со цена од околу 500 долари. Ова значи дека уредите од средна класа би можеле да бидат моќни како моделите од премиум сегментот, но со двојно помала цена.