Apple се очекува оваа година да претстави неколку компјутери што ќе ги покренуваат чиповите од M-серијата на компанијата, засновани на ARM архитектура. Се сугерира дека компанијата ќе претстави нови MacBook Pro модели, кои ќе работат на помоќна верзија на М1 чипот. Најновите информации сега покажуваат дека може да видиме и нови модели на iMac и Mac Pro десктоп компјутерите.
Прилично доверливиот дојавувач и јутјубер Џон Просер објави видео во кое сугерира дека Apple подготвува надградба на iMac, што ќе се појави подоцна во текот на годината. Apple, наводно, ќе го имплементира дизајнот на iMac G3 од 1998 година, нудејќи нови модели во различни бои. Може да се очекуваат варијанти како што се вселенска сива, зелена, небесно сина, розово златна и сребрена.
Просер објави и неколку рендери, со напомена дека задниот дел од уредот може да биде сосема поинаков. Тој исто така посочува дека редизајнираните модели на iMac ќе имаат потенки рамки околу дисплејот и ќе ги користат новите Apple Silicon чипови.
Дојавувачот објави и некои информации за Mac Pro моделите, кои исто така се очекува да ги користат новите Apple Silicon чипови. Просер ги поддржа претходните информации на Bloomberg, кои сугерираат дека новиот Mac Pro ќе има големина што ќе биде помала од половина од актуелната генерација на Mac Pro. Се верува и дека ќе го задржи алуминиумското куќиште и ќе позајми некои елементи на дизајнот од Power Mac G4 Cube моделит од 2000 година. Нема информации кога ќе биде објавен новиот Mac Pro, но Bloomberg известува дека Apple би можел да го претстави до 2022 година.