Според информации од Јужна Кореја, повикувајќи се на неименувани снабдувачи и партнери на Samsung, Exynos чипсетот од следната генерација, со AMD графика ќе се појави кон крајот на оваа година под името Exynos 2200. Извештајот сугерира и дека  Exynos 2200 ќе го напојува ARM Windows 10 лаптопот на Samsung, што се очекува во текот на втората половина на 2021 година.

Јужнокорејскиот производител минатиот месец потврди дека работи со AMD за креирање на мобилен графички процесор од следната генерација, кој ќе се појави во идните премиум производи на Samsung. Не беше споменато за кој уред станува збор, а многумина претпоставуваа дека се работи за смартфон од Galaxy серијата.

Сепак, Exynos 2200 чипсетот може да биде дел од долгорочните планови на Samsung да се натпреварува на пазарот со Qualcomm, во сегментот на лаптоп компјутери. Мистериозниот Windows 10 лаптоп на Samsung, наводно, ќе го постави темелот во напорите на Samsung да му парира на Qualcomm на пазарот на лаптопи со ARM. Samsung претходно претстави неколку ARM лаптопи со Windows 10, но тие користеа Qualcomm Snapdragon чипови.

Засега нема детали за спецификациите на Exynos 2200 чипсетот. Исто така, не е познато дали ова ќе биде единствениот премиум чип на Samsung со AMD графички процесор што ќе го видиме оваа година, како ни дали ги покренува и телефони и лаптопите, или е дизајниран само за преносните компјутери.