Samsung претстави нов смартфон во рамките на M серијата – Galaxy M62. Смартфонот е официјализиран во Малезија, а покрај тоа што има поинаква ознака, станува збор за Galaxy F62 моделот, што беше претставен во Индија минатиот месец. M62 се очекува да биде името на уредот за глобалните пазари.

Од предната страна, Samsung Galaxy M62 има 6,7-инчен Super AMOLED Inifinity-O дисплеј со FHD+ резолуција и 32MP камера за креирање селфи фотографии и видео повици. На задната страна се наоѓа систем со четири камери, кој се состои од 64MP главен сензор, 12MP ултраширок, 5MP макро и 5MP сензор за длабочина.

Телефонот го покренува Exynos 9825 чипсет, во комбинација со до 8GB RAM и 256GB простор за складирање. Дополнителен простор е можно да се обезбеди преку слотот за microSD картичка.

Уредот го напојува батерија од 7000mAh, која поддржува 25W брзо полнење. Смартфонот има поддршка и за Bluetooth 5.0 конекција, 3.5 mm приклучок, додека сензорот за отпечатоци од прсти се наоѓа од страна на рамката.

 

Galaxy M62 се нуди по цена од околу 495 долари за 8GB + 256GB модел, во сина и црна варијанта.