Веб-сообраќајот кон австралиските новински страници опадна за 13 отсто во државата и за 30 отсто од странство откако оваа недела Facebook ја блокираше содржината на вестите на својата платформа за австралиските корисници. Информацијата ја објави „Политико“, повикувајќи се на веб-аналитичка компанија Chartbeat.
Информациите, собрани од 255 австралиски страници и пренесени од локални медиуми, како што е Еј-Би-Си, го откриваат влијанието на забраната како одговор на предлогот на австралиската влада да ги принуди технолошките компании да им плаќаат на издавачите за нивната содржина.
Првично, Facebook и Google делуваа заедно против предложениот закон, но оваа недела двата гиганти усвоија различни стратегии. Google постигна договор со големите издавачи, додека Facebook го прекина пристапот на австралиските корисници до вести.
Премиерот Скот Морисон на прес-конференција се закани дека владата нема да отстапи и оти ќе ја принуди платформата да се придржува до законите на земјата.
Стана јасно дека Facebook вчера направиле грешка откако ги блокираа профилите на владините институции, што предизвика остри реакции од многу политичари и организации.
Гардијан објави дека на социјалната мрежа ќе и треба една недела пред да ги деблокира профилите на стотици организации што не се поврзани со медиуми, но се засегнати. Во исто време, ширењето на дезинформации продолжува да зема замав, јавија австралиски медиуми.