Новото ажурирање за Windows 11 носи гласовна интеракција и подобрени AI функции.
Американскиот технолошки гигант Microsoft најави нова рунда ажурирања за својот оперативен систем Windows 11, со што дополнително се интегрира вештачката интелигенција во секојдневната работа на корисниците.
Клучна иновација е можноста за активирање на Copilot асистентот со гласовната команда „Hey, Copilot“, што означува чекор кон тоа гласот да стане трет примарен начин за интеракција со компјутер, заедно со тастатурата и глувчето.
Ажурирањата, кои ќе почнат да пристигнуваат до корисниците ширум светот, вклучуваат и поширока имплементација на алатката Copilot Vision, која му овозможува на софтверот да ја „види“ содржината на екранот на корисникот или во одредена апликација, објавува „Блумберг“.
Оваа функција треба да овозможи попрецизно решавање проблеми, но и да помогне во креативни задачи како што се дизајнирање или планирање проекти.
Microsoft наведува дека новите функции се дел од напорите Windows да стане централна платформа за работа со AI алатки, со што „ќе се обнови системот околу вештачката интелигенција“.
Американската компанија нагласува дека корисниците со стандардни компјутери исто така ќе можат да ги користат повеќето од новите AI функции, а не само на најновите модели означени како „Copilot+ PC“.
Идејата не е сосема нова, бидејќи уште во ерата на оперативниот систем Windows 10 можеа да ја користат командата „Hey, Cortana“, но проектот не успеа поради ограничена функционалност и проблематична употреба во деловните средини.
Microsoft сега верува дека технолошкиот напредок во областа на вештачката интелигенција е доволен за да ја направи таквата гласовна интеракција поприродна и покорисна.
