Испораките на мобилни телефони на Apple во Кина паднаа за 19 отсто во првиот квартал, што ја одразува заканата за доминантната позиција на американскиот гигант во повисокиот сегмент по враќањето на Huawei на пазарот, покажуваат податоците на пазарот.

Уделот на Apple на најголемиот пазар на паметни телефони во светот падна на 15,7 отсто во првиот квартал, од 19,7 отсто на почетокот на 2023 година. Ова го доведе американскиот гигант речиси на исто ниво со Huawei, чија продажба скокна за 70 отсто, според истражувачката компанија Counterpoint.

Vivo ја презеде круната на Apple како најголем продавач на паметни телефони во Кина. Американската компанија падна на третото место, зад Honor, бренд на подостапни уреди. На четврто место е Huawei, чиј пазарен удел скокна од минатогодишните девет на 15,5 отсто.

„Враќањето на Huawei на пазарот директно влијаеше на Apple во премиум сегментот. Треба да се додаде дека побарувачката за нови мобилни телефони на Apple за замена на постарите модели беше малку пригушена во споредба со претходните години“, рече аналитичарот на Counterpoint, Иван Лам во соопштението за печатот.

Во меѓувреме, Apple започна промотивни кампањи, обидувајќи се да ги привлече потрошувачите со попусти, вклучувајќи субвенционирање на одредени модели на iPhone до 1.300 јуани (168,29 евра).

Минатата недела Huawei ја претстави на јавноста новата серија смартфони Pura 70. Во август минатата година, по долга пауза, ја лансираа серијата Mate 60, која некои аналитичари ја протолкуваа како триумф над американските санкции, врз основа на софистицирано домашно производство на чип.

Канадската истражувачка компанија TechInsights очекува Кинезите да купат повеќе од 50 милиони мобилни телефони оваа година, вклучително и 10 милиони од Huawei Pura 70. Тоа ќе го стави Huawei на прво место, со пазарен удел од 19 отсто, што е повеќе од 12 отсто минатата година.

Во првиот квартал, кинескиот пазар на паметни телефони порасна за 1,5 отсто, продолжувајќи го позитивниот тренд од крајот на 2023 година, според Counterpoint.