Откако 3D сензорите за препознавање на лицето излегоа премногу скапи за производителите на уреди со Android, компаниите ќе го насочат целото внимание кон друга нова технологија – сензори за отпечатоци вградени во екраните. Неодамна се појави информација дека Samsung сериозно размислува да додаде таква компонента во Galaxy Note 9, но некои кинески производители веќе почнаа да користат вградени сензори во своите флегшип модели.

Тајванското онлајн издание DigiTimes открива дека и Huawei ќе се обложи на оваа технологија во наесен очекуваниот фаблет Mate 11, кој ќе вклучува ултразвучен сензор за отпечатоци на Qualcomm. Компанијата се надева дека ќе служи како нов поттик за зголемена продажба кога телефонот ќе влезе на пазарот во последниот квартал од годината. Qualcomm соработува со локалните GIS и O-film Tech, кои нудат решенија за сензорни дисплеи, за да стигнат до азиските производители на паметни телефони.

Системот на Qualcomm, исто така, работи со влажни или валкани прсти, што не може да се каже за капацитивните решенија. Во исто време, 3D сензорот во iPhone чини 60 долари, бидејќи технологијата вклучува значителни напори за развој на софтвер и хардвер и системска интеграција.

Ова, заедно со послабите продажби на iPhone X и стравувањата од судски проблеми за потенцијални прекршени патенти го ограничи ентузијазмот на кинеските производители да користат 3D сензори во своите уреди за меѓународните пазари.