OnePlus 12 и OnePlus 12R треба да излезат на 23 јануари на светските пазари, а сега се појавија и нивните можни цени.

Добро упатени извори открија какви цени се очекуваат за претстојните телефони OnePlus 12 и OnePlus 12R кога ќе бидат глобално пуштени на 23 јануари. Цените се за американскиот пазар, а останува да се види колку ќе се разликуваат од европските.

Според веб-страницата TechPlus, OnePlus 12 ќе чини 799 долари за моделот со 12 GB RAM и 256 GB простор за складирање. Ова е основната варијанта на телефонот, бидејќи нема да има модел со 8GB/128GB, како што беше случајот со OnePlus 11 кој имаше почетна цена од 699 долари.

Дополнително, OnePlus 12 со 16 GB RAM и 512 GB простор за складирање треба да биде по цена од 899 долари.

Со овие цени, OnePlus ќе биде доста конкурентен со претстојните модели од серијата Galaxy S24 на Samsung.

Кога станува збор за OnePlus 12R, ова ќе биде моделот што многумина ќе го сметаат за нивен модел на годината. Телефонот има чип Snapdragon 8 Gen 2 и веќе е објавен во Кина како OnePlus Ace 3.

Изворите тврдат дека OnePlus 12R ќе пристигне по исклучително конкурентна цена од 499 долари за моделот 8GB/128GB. Варијантата со 16GB/256GB простор би требало да чини 599 долари.