Руските власти издадоа потерница по Енди Стоун, портпаролот на Фејсбук и Инстаграм платформите на Мета, без да прецизираат за што го товарат Стоун, објавија руските медиуми.

Агенцијата ТАСС наведува дека руското Министерство за внатрешни работи отворило кривична истрага против Стоун, но не откри детали од истрагата, ниту обвиненијата против Стоун, пренесува Ројтерс.

Главните социјални платформи на Мета, Фејсбук и Инстаграм, беа забранети во Русија набргу по избувнувањето на конфликтот во Украина во февруари минатата година.

Во март 2022 година, Рускиот истражен комитет отвори кривична истрага против „незаконските дејствија на вработените во компанијата Мета“.

Во истрагата се споменува и Стоун затоа што, како што се наведува, ја прекршил „забраната за повикување насилство врз руската војска на своите платформи“ и со тоа поттикнал екстремистички, антируски активности.