Хакерската група „Scattered Spider“ нападна познати казина, вклучувајќи ги и оние во хотелите „Caesars Palace“, „Bellagio“ и „MGM Grand“. Како што е познато, биле украдени податоците на честите посетители.
Оние кои имаат навика, а да не зборуваме за зависност, да ги посетуваат казината во Лас Вегас, би можеле – освен да губат пари – да имаат и друг проблем. Според американските медиуми, неодамна хакери интензивно нападнале голем број казина, меѓу кои и многу познатите и посетуваните, во хотелите „Caesars Palace“, „Bellagio“ и „MGM Grand“.
Големите компании Caesars Entertainment и MGM Resorts потврдија дека биле жртви на сајбер напад, со голем број различни последици.
Голема финансиска штета
На пример, гостите во хотелот MGM Grand не можеа да влезат во своите соби користејќи дигитални клучеви или да трошат пари на сметката за нивната соба неколку дена. Главниот извор на приходи, машините за коцкање, исто така биле „замрзнати“ на одреден временски период и не можеле да заработат.
Нешто посериозни последици ќе почувствуваат честите посетители на хотелот Caesars Palace, бидејќи таму биле украдени личните податоци на корисниците од програмата за лојалност. Меѓу компромитираните податоци се броевите на социјалното осигурување и возачката дозвола, кои се користат за идентификација на корисниците.
„Caesars Entertainment“ го пријави случајот до SEC, наведувајќи дека се работи за напад од социјален инженеринг. Така, хакерите измамиле подизведувач, вработен во ИТ поддршка и го искористиле пристапот до информацискиот систем за да ја украдат целосната база на податоци од програмата за лојалност. Во истрагата е вклучен и ФБИ, а експертите проценуваат дека оперативните проблеми за неколку казина предизвикале поголеми финансиски загуби.
Безбедносната компанија на Google, Mandiant Consulting, ја сомничи хакерската група Scattered Spider за овие напади, за која беше откриено дека биле насочени кон синџири на хотели и казина во последните недели. Иако експертите сметаат дека членовите на оваа група се „помлади и помалку искусни“, сепак тие се сметаат за сериозна закана за големите организации. Нивните седишта се во САД и Обединетото Кралство.
Bloomberg дознава дека Caesars Entertainment веќе им платила откуп од неколку десетици милиони долари на овие хакери, веројатно за да не бидат објавени украдените податоци во јавноста. Плаќањето на откупот, знаеме, не е гаранција дека тоа сепак нема да се случи.
Поврзани артикли