Индустријата за видео игри постави нови рекорди во продажба во изминатата деценија, а една игра особено се истакнува кога станува збор за популарноста.

Сајтот Visual Capitalist објави интересна графика, на која е прикажана листата на Топ 10 најпродавани игри во историјата.

Можеби за некого е изненадување, додека за други не е, но на најпродаваната игра не ѝ беа потребни повеќемилионски буџети, долга наративност или познати актери кои го позајмуваат гласот.

Со над 238 милиони продадени копии, Minecraft е најпродаваната игра на сите времиња. Популарниот наслов, со своите пиксели блокови, беше објавен во 2011 година.

На второ место на оваа листа е Grand Theft Auto 5 со 175 милиони продадени примероци. GTA 5 е и најбрзо продаваната видео игра, со заработка од 800 милиони долари само на првиот ден.

На третото место е уште една едноставна и сега иконска игра – Тетрис. Хит играта на EA Mobile е продадена во над 100 милиони примероци.

Нинтендо има вкупно три наслови на оваа листа, вклучувајќи ја и најстарата игра на оваа листа – Super Mario Bros. од 1985 година, која е продадена во над 58 милиони примероци.

Меѓу поновите игри, PUBG: Battlegrounds од 2017 година и Red Dead Redemption 2 од 2018 година се најдоа на топ 10-те најпродавани.