Во своето традиционално пролетно освежување, Apple најави дека ќе пушти нова боја за актуелниот модел на телефон. Жолтата боја е резервирана само за основните, а не за моделите Pro.

Најновото дополнување на палетата на телефони на Apple е iPhone 14 во жолта боја. Со додавањето на новата нијанса, опишана како „прекрасна жолта“, основните модели на iPhone 14 ќе бидат достапни во вкупно шест бои. Да повториме, тие се полноќно црна, ѕвездено бела, црвена од (PRODUCT)RED линијата, сина, виолетова и сега нова – жолта.

Само основните модели, односно iPhone 14 и iPhone 14 Plus, ја добија новата боја, додека варијантите Pro сè уште се продаваат во четирите првично лансирани бои – темно виолетова, златна, сребрена и вселенско црна.

Сè друго што знаеме за iPhone 14 останува како што е: од Super Retina XDR OLED екранот, преку системот на камера од 12 MP, до A15 Bionic процесорот, истите инсталирани во претходната генерација, iPhone 13.

Сите оние кои со нетрпение очекуваа жолт iPhone да се почестат оваа пролет ќе можат да го сторат тоа по иста цена како и со претходните бои на iPhone 14 веќе од денеска.

Во исто време, Apple објави четири нови варијанти на сопствени официјални силиконски маски: жолта, маслинеста, небесно сина и виолетова.