Роверот Curiosity на НАСА ја направи првата јасна фотографија од сончевите зраци на Марс, а целата сцена наликува на морничаво бело зајдисонце на Земјата. Роверот ја снимил оваа етерична фотографија на 2 февруари, додека Сонцето заоѓа зад група мрачни облаци, осветлувајќи ги во пригушени нијанси на зелена и розова боја.

Со оглед на тоа дека овој облак се наоѓал на невообичаено голема надморска височина, научниците претпоставуваат дека облаците се составени од мраз со јаглерод диоксид; познат и како сув мраз. Повеќето од облаците на Марс се на висина до 60 километри, а се состојат од воден мраз, пишува Business Insider.

Облак во бои на виножито во форма на пердув

Curiosity, исто така, сними блескав облак во облик на пердув. Овие облаци, кои ги гледаме и на Земјата, поради нивната разнобојност потсетуваат на виножито. Тие се нарекуваат iridescent или облаци во бои на виножитото, а самиот феномен се нарекува iridescence – иридисценција или иризација.

За разлика од виножитото, кое е резултат на прекршување (сончевата светлина се свиткува и прекршува додека минува низ големи капки вода), блескавите облаци се предизвикани од дифракција. Дифракцијата се јавува кога зрак светлина ќе наиде на пречка со слична големина на таа бранова должина на светлината, а потоа се прекршува и се свиткува околу пречката, објаснува Крометео.

Облаците се редок феномен на Марс

„Кога ги гледаме транзициите на боите, всушност гледаме промена во големината на честичките во облакот. Тоа ни кажува за начинот на кој облакот еволуира и како неговите честички ја менуваат големината со текот на времето“, рече атмосферскиот научник Марк Лемон од Институтот за вселенска наука во Колорадо.

Облаците на Марс се ретка појава бидејќи нема многу вода во атмосферата на планетата. Кога се појавуваат облаци, тоа најчесто се случува околу марсовиот екватор во најстудениот дел од годината.