Роботот, кој е значително помал од Т-1000, може да се стопи, да избега од кафезот лизгајќи се низ решетките, а потоа да се претвори во цврста форма.

Научниците создадоа робот кој се топи и може да ползи низ решетките – исто како и познатиот Т-1000 од вториот дел од серијата филмови Терминатор.

Засега овој робот е значително помал од Т-1000, но може да се стопи, да избега од својот кафез лизгајќи се низ решетките, а потоа да се претвори во цврста форма и да ги заврши задачите што му се доделени.

Металниот микробот е создаден од течни метални микрочестички кои можат да се контролираат и преобликуваат со надворешни магнетни полиња. Но, за разлика од филмот, пронаоѓачите на овој робот веруваат дека нивното откритие може да се искористи за добро, особено во клинички и механички услови – достигнување до тешко достапни простори. Научниците ги објавија своите наоди во списанието Matter.

„Потенцијално, овој состав на материјали може да се примени во флексибилна електроника, здравство и роботика“, изјави за Вашингтон пост Ченгфенг Пан, инженер од кинескиот универзитет во Хонг Конг.

Со изложување на роботот на магнетни полиња со наизменична струја, научниците ја зголемија неговата температура и предизвикаа тој да премине од цврста во течна состојба за минута и 20 секунди. Откако ќе се трансформира во течен метал, фигурата може да се управува преку тесни отвори со повеќе магнети.

Во својата течна форма, роботот може да се прошири, дели и спојува. Во својата цврста форма беше управуван со брзина поголема од 5 km/h и носеше тешки предмети со тежина до 30 пати поголема од неговата тежина.

Роботот направен од таков материјал може да се користи за поправка на електроника на тешко достапни места. Во друг експеримент, истражувачите покажаа како роботот може да се распореди во модел на човечки стомак за да отстрани несакано туѓо тело. Научниците го управувале роботот во цврста форма, широк околу 1 см, низ лажен орган додека не го лоцирал туѓиот предмет. Потоа се стопи со далечински контролирани магнетни полиња, се протегаше во својата нова состојба на течен метал околу објектот – и откако безбедно го обвиткаше – се олади назад во цврста состојба, дозволувајќи му да го повлече туѓото тело надвор од комората.