Во текот на минатата година, продажбата на VR уреди беше во пад во однос на 2020 година, додека оваа година Мета треба да добие нова и опасна конкуренција на овој пазар.

Помина повеќе од една година откако Марк Цукерберг најави радикална промена во неговата компанија. Освен промената на самото име, значително поважна е и промената на насоката и фокусот, што е свртување од социјалните мрежи и комуникациските платформи кон виртуелната реалност (ВР), односно метаверс.

Доволно е само еден поглед на движењето на акциите на Мета за да се заклучи дека Цукерберг никако не може да биде задоволен од ситуацијата, а потребно е да се нагласи дека многу (технолошки) компании се во голема загуба на берзата, но Мета се уште е меѓу најлошите. Сепак, состојбата на берзата не е единствената причина зошто Марк Цукерберг треба да биде загрижен.

Како што објави CNBC, врз основа на истражувањето на NPD Group, продажбата на уреди за виртуелна реалност (кои се основа на метаверзумот и сите виртуелни светови) до почетокот на декември минатата година во САД падна за околу два отсто во споредба со истиот период 2021 година. Вредноста на пазарот во овој период изнесуваше околу 1,1 милијарда долари, колку што за три дена заработува Facebook од рекламирање.

Падот на продажбата во 2022 година забележа и уредот за виртуелна реалност на Мета Quest 2, иако според аналитичарот на NPD, Бен Арнолд, причината за тоа лежи во одличната продажба на тој модел во 2021 година, која не можеа да ја повторат во 2022 година. Мета неодамна претстави уште еден VR уред – Quest Pro, но со оглед на тоа дека неговата цена е повеќе од 1.000 долари, не треба да се очекува да ја зголеми побарувачката за виртуелна реалност.

Бројките се уште полоши за светскиот пазар. Имено, според аналитичката компанија CSS Insights, испораките на уреди за виртуелна и проширена реалност паднале за повеќе од 12 отсто оваа година на 9,6 милиони. Таквата ситуација, како и проценките за идните испораки и продажба на VR уреди, создаваат „проблематична слика за Мета“. Имено, со оглед на тоа што слично како 2022 година, и 2023 година делумно ќе биде одбележана со рецесија и глобални економски проблеми, не треба да очекуваме зголемување на побарувачката на очила за виртуелна и проширена реалност.

Конкуренцијата треба да се зголеми на овој пазар оваа година – Sony ќе го претстави PS VR2, а го очекуваме и првиот VR уред на Apple, што секако не е добра вест за Мета и Цукерберг.