YouTube го отстрани официјалниот канал на сајтот за „возрасни“ Pornhub, кој го користи за промовирање на своите видеа.

Овој потег доаѓа осум години откако Pornhub ја отвори својата сметка на платформата YouTube. Пред неговото отстранување неодамна, официјалниот канал Pornhub имаше повеќе од 900.000 претплатници.

Каналот првпат беше лансиран во декември 2014 година. Сега URL-адресата на каналот покажува грешка 404 („not found“) на интернет.

Според YouTube, Pornhub ја прекршил политиката на видео платформата кога станува збор за линкови до надворешни страници кои имаат содржина што не е дозволена на самиот YouTube.

Официјален претставник на компанијата MindGeek, сопственик на Pornhub, рече дека фирмата „жестоко ги негира“ наводите дека нејзината содржина на YouTube имала линкови до порнографски страници.

„Pornhub ги имплементира апсолутно најдобри мерки за доверба и безбедност на интернет и особено се грижи да не прекрши ниту едно од упатствата на YouTube“, се вели во соопштението на компанијата.

„За жал, ова е само најнов пример за дискриминација на оние во индустријата за возрасни, тренд што се гледа на социјалните мрежи и во сите други аспекти од животот, особено кога групите неискрено ги мешаат содржините за возрасни со експлоатација“.