Според активистите, илјадници парчиња пластичен отпад од многу делови на светот стигнале на оддалечен британски остров во јужниот дел на Атлантикот.
Отпадот исфрлен на југозападниот брег на островот Асенсион доаѓа од голем број земји, вклучувајќи ги Кина, Јапонија и Јужна Кореја.
Зоолошкото друштво од Лондон (ZSL), односно неговиот тим, пет недели го проценувал загадувањето со пластика на споменатиот остров, при што било утврдено дека повеќе од 900 морски видови се загрозени.
Островот Асенсион е богат со животински видови како копнени ракови и разни видови морски птици, желки, риби и ајкули. Оддалечениот остров беше предмет на многу планови насочени кон зачувување на неговата природна биолошка разновидност, иницирани од владата и независните групи.
„Премногу пластика се користи на лош начин. Беше потресно да се види состојбата на островот“, изјави научничката Фиона Левелин за Би-Би-Си.
Таа додаде дека големите брендови и влади мора да сносат одговорност за нередот. Тимот истражувачи пронашол повеќе од 1.000 парчиња пластичен отпад во само една куќа на плажа и повеќе од 7.000 парчиња вкупно за време на нивната експедиција.
Околу 800 жители на островот се загрижени за ситуацијата, бидејќи само мала количина пластика исфрлена на брегот од морето всушност потекнува од островот.
„Лесно е да се види дека најголемиот дел од отпадот доаѓа од други локации“, истакна Левелин.
Животните често јадат пластика или се заплеткуваат во неа, што може да им нанесе штета. Постои зголемена загриженост за микропластиката и како тие се движат нагоре во синџирот на исхрана.
Видови пластика кои најчесто се наоѓаат на бреговите на островите вклучуваат пластични шишиња, тврди пластични делови, опрема за риболов и догорчиња од цигари.
Најголемиот дел од отпадот завршува на плажа или нерамни карпи до кои е тешко и опасно да се стигне.
„Беше предизвик да се плови по карпите и да се дојде до брегот и пластиката што беше на него“, додаде таа.
Во текот на следните три години, ZSL ќе работи со тимот за заштита на островот Асенсион, Националниот фонд и управата на Света Елена, Универзитетот Ексетер и Универзитетот Нелсон Мандела во Јужна Африка за заедничка борба против загадувањето со пластика.
Проектот се состои од следење на струите и движењето на водата, идентификација на пластичните шишиња и проценка на нивниот рок на траење и датум на производство со цел да се утврди каде завршиле во водата, односно од каде пристигнале.