Бразилскиот суд го казни Apple затоа што не продава полначи со модели на паметни телефони.
Apple продолжува да ги губи судските битки во Бразил поради одлуката целосно да ги отстрани полначите од пакувањето на новите iPhone-и. Државниот суд во Сао Паоло пресуди против Apple и ја казни компанијата со 19 милиони долари по тужба поднесена од бразилското здружение за заштита на потрошувачите. Исто така, судот му наложи на Apple да обезбеди полнач за сите клиенти кои купиле iPhone 12 или iPhone 14 во изминатите две години, како и да обезбеди полначи со купениот iPhone во иднина. Apple најави жалба на оваа одлука.
Судот утврди дека Apple користи „навредлива практика“ која „бара од потрошувачите да купат друг производ за да функционира првиот“.
Apple веќе подолго време е во конфликт со бразилските власти во врска со овој проблем, а компанијата беше казнета и со 2 милиони долари во 2021 година бидејќи купениот iPhone 12 не доаѓаше со полнач. Пресудата се заснова на кодот за заштита на потрошувачите. Во септември, бразилското Министерство за правда му забрани на Apple да продава iPhone-и без полначи.
Исто така, изречена е казна од 2,38 милиони долари, а наредено е и откажување на регистрацијата на iPhone 12 во бразилската телекомуникациска агенција. Apple ја обжали и оваа одлука.
Инаку, Apple престана да испорачува полначи со новите модели на iPhone уште во 2020 година, кога се појави iPhone 12. Компанијата како аргумент ја наведе грижата за животната средина, тврдејќи дека оваа политика ќе заштеди 861.000 тони бакар, цинк и калај. Бразилското Министерство за правда не ги прифати тие аргументи и му порача на Apple дека може да и помогне на животната средина на други начини, како што е префрлување на USB-C.
Во Европа, Apple исто така мора да се префрли на USB-C што станува вообичаен стандард за полнење откако одлуката беше изгласана од Европскиот парламент. Затоа, iPhone ќе мора да добие USB-C порта до крајот на 2024 година.
Поврзани артикли