Опасна работа се овие полупроводници, бидејќи ако ги има помалку, целиот систем пропаѓа. Недостигот на овој мал дел за кој никој не размислува, доведе до огромен недостиг на хардвер, бидејќи тие се клучен дел во секоја конзола, графичка картичка и процесор.

Во моментов го живееме овој недостиг, но за жал сè уште не е при крај. Различни предвидувања се согласуваат дека недостигот ќе трае најмалку уште една година, а компанијата Intel смета дека ќе трае до 2023 година.

Извршниот директор на Intel, Пат Гелсинџер, изјави за CNBC дека ситуацијата во моментов е најлоша, но дека ќе се подобри во наредниот период. Тој изјави дека следната година ќе има забележително подобрување од квартал во квартал, а рамнотежата меѓу понудата и побарувачката ќе биде постигната до 2023 година.

Оваа изјава е поинаква и помрачна од изјавата на директорката на конкурентската компанија AMD, Лиза Су, која рече дека ситуацијата ќе се подобри до втората половина на 2022 година, што е доста порано.