Истражувањето на германските јавни служби покажува дека кинеската социјална мрежа TikTok не дозволува коментари на видеа кои содржат одредени клучни зборови. Ова може да исклучи одредени теми од мрежата.
Кратките клипови од луѓе кои пеат или танцуваат го направија ТикТок познат. Кинеската социјална мрежа е популарна низ целиот свет.
Денес, таму можат да се видат кратки филмови за актуелни настани, политика или економија – не само за танцување или кулинарски вештини.
Само во Германија, околу 50 проценти од младите на возраст од 12 до 19 години редовно ја користат оваа мрежа. Во возрасната група од 20-29 години, приближно една третина го користат.
Истражувањето на германските јавни служби NDR, WDR и Tageschau откри дека кинескиот концерн користи најмалку дваесет зборови со чија помош автоматски ја „филтрира“ содржината. Коментарите што содржат барем еден од тие термини не се појавуваат под ниеден клип. Беа тестирани вкупно 70 зборови или комбинации на зборови.
Блокирани термини
Меѓу зборовите кои TikTok очигледно ги блокира се следните термини: „nazi“ (кратенка од „нацист“), „робови“, „гас“, но и „LGBTQ“ или „геј“.
Германските новинари се соочија со портпаролката на TikTok со резултатите од истражувањето и таа рече дека мрежата користи технологии кои „проактивно бараат коментари кои ги прекршуваат нашите услови за користење или се спам“.
Но, таа ги призна и грешките: „Во овој случај, коментарите што не ги прекршуваат нашите правила за користење на платформата беа погрешно прогласени за потенцијално штетни“.
TikTok, додаде таа, ќе продолжи да ги „тренира“ своите алгоритми. Покрај тоа, избраните истражувачи ќе добијат пристап до системот за модерирање на коментари веќе во текот на есента, потврди концернот.
Без знаење на корисникот
За време на тестот што го направија германските новинари, видео платформата во ниту еден момент не ги информираше своите корисници дека нивниот коментар не е објавен и зошто. Наместо тоа, апликацијата TikTok остави впечаток дека коментарите се јавно достапни.
Овој метод професионално се нарекува „забрана во сенка“. Корисниците на TikTok всушност мислат дека нивните коментари се видливи, иако не се видливи.
TikTok рече дека ја истражува транспарентноста на коментарите и дека компанијата ја разбира загриженоста – особено на LGBTQ+ заедницата, која сè уште е изложена на говор на омраза и мобинг.
Ова не е првпат јавно да се дискутира за практиката на отстранување коментари на TikTok. Веќе во февруари истражувачки новинари на германските јавни служби открија дека коментарите кои содржат термини како „квир“ или „геј“, односно „Аушвиц“ или „националсоцијализам“ не се објавуваат.
И тогаш кинеската компанија призна одредени грешки и најави дека ќе ја анализира работата.
И навистина се покажа дека зборовите како „хомосексуалец“ или името на кинескиот тенисер Пенг Шуи сега можат јавно да се користат во коментари. Сепак, интересно е што TikTok сè уште блокира некои термини кои по истражувањето во февруари можеше да се користат извесно време – зборови како „LGBTQI“, „геј“ или „хетеросексуалец“.
„Проблематичното“ однесување на TikTok
„Тоа е начелно проблематично“, вели Кристијан Стекер, медиумски експерт на Универзитетот за применети науки во Хамбург. Тој вели дека платформите како TikTok имаат голема одговорност: „Таму се одвива јавен дискурс, но додека не знаеме како TikTok модерира, со какви алатки и со каква работна сила, тогаш тоа е проблем“.
Штекер наведува дека прашањето за модерирање на коментарите е поврзано и со трошоците. Софтверот или автоматизираните филтри за зборови се едноставно поевтини од ангажирање повеќе луѓе за модерирање на коментарите.
Како што сега утврдија новинарите, зборовите „кокаин“, „канабис“ или „крек“ се исто така цел на алгоритмот, додека „екстази“ или „кристал мет“ понекогаш го поминуваат филтерот.
Но, не беше можно да се открие како точно е програмиран филтерот. Затоа што истиот збор би можел да го објави истиот корисник под некои видеа, додека не под други.
Термините како „климатска криза“ и „климатски промени“ не беа објавени во повеќето случаи. TikTok очигледно користи и филтри за термини поврзани со војната во Украина – вклучувајќи ги зборовите „Украина“, „специјална операција“, „борбени авиони“, „меѓународно право“ или „трупи“.
Суптилно корисничко сортирање
Каја Тим, професорка по медиумски науки на Универзитетот во Бон, смета дека станува збор за таканареченото „agenda cutting“ – односно систематско задушување на некои теми.
„На почетокот може да изгледа суптилно кога не дозволувам некои едноставни клучни зборови, но ако тоа функционира, тогаш тие теми повеќе не се дискутираат“, вели Тим. Таа вели дека е „многу проблематично“ кога концернот на тој начин ги тренира или сортира своите корисници.
TikTok тврди дека има повеќе од милијарда корисници ширум светот. Во Германија наводно има околу 20 милиони. Сопственик на платформата е кинеската технолошка компанија ByteDance, која е во косопственост на кинеската држава.