Шведската компанија Ericsson соопшти дека бројот на претплатници на 5G се очекува да надмине 580 милиони до крајот на 2021-ва година од 220 милиони колку што имаше лани, а до 2026. година да надмине 3,5 милијарди.

Според компанијата секој ден има еден милион нови 5G претплати. Прогнозата ги зголемува очекувањата дека 5G ќе биде најбрзата мрежа пуштена во употреба. Сепак, компанијата тврди дека има варијации во влегувањето на новата генерација мобилни технологии во различни региони во светот.

Во Европа, лансирањето на 5G е релативно бавно и продолжува да заостанува зад тоа на пазарите на Соединетите држави, Јужна Кореја, Јапонија и Советот за соработка во Персискиот залив.

Североисточна Азија, вклучително и Кина, сега има најголема дистрибуција на 5G претплати, следена од Северна Америка. Но, до 2026. година, Северна Америка се очекува да има најголемо учество во 5G претплати од сите региони – 84%, велат од „Ericsson“.

Предвременото ослободување на спектарот во Кина го направи влезот на 5G во земјата побрзо во минатата и оваа година, но другите региони веќе стигнуваат, изјави менаџерот на мрежите во Ericsson, Фредерик Јадлинг.

На крајот на 2020. година имаше 6 милијарди претплати за паметни телефони, а „Ericsson“ предвидува дека оваа бројка ќе достигне 7,7 милијарди во 2026-та година, што ќе биде околу 88% од сите претплати на мобилни телефони во тоа време.

5G се очекува да ја премине границата од претплата од 1 милијарда две години пред 4G LTE. Клучни фактори во ова се фактот дека Кина рано се префрли на 5G, но исто така и на сè подостапните уреди со 5G. Повеќе од 300 модели на паметни телефони ја поддржуваат новата технологија и веќе се на пазарот или ќе бидат објавени наскоро.

Овој моментум се очекува да продолжи и во наредните години, поддржан од растечката улога на поврзаност како клучна компонента на економското закрепнување по коронавирусот.

Извор: n1info.com