Американскиот милијардер Илон Маск го претстави најновиот прототип на хуманоиден робот развиен од неговата компанија Тесла.

Станува збор за робот наречен Optimus кој беше претставен на настан во Силиконската долина, каде што го поздрави присутната публика. Маск рече дека роботот се уште е во фаза на развој, но дека би можел да се најде во продажба за неколку години.

Роботите на Tesla за масовен пазар ќе бидат тестирани со извршување на различни задачи во фабриката за производство на електрични автомобили.

На публиката и беше прикажано видео на кое се гледа како Optimus изведува различни едноставни задачи како што се наводнување растенија, носење кутии и кревање метални шипки. Маск рече дека роботите ќе бидат масовно произведени и ќе чинат помалку од 20.000 долари. Продажбата треба да започне за три до пет години.

„Навистина е клучно да се трансформира цивилизацијата“, рече Маск.

Инвеститорите и финансиските аналитичари се скептични за одлуката на Тесла да се занимава со роботика и ја советуваа компанијата да се фокусира на проекти поблиски до нејзината основна дејност, а тоа се електричните автомобили.

Но, Маск рече дека сака да го реши еден од најголемите проблеми во вештачката интелигенција за да создаде машина што може да го замени човекот. Тој претходно предупреди дека вештачката интелигенција е закана за човештвото, но сега вели дека сака да премине во општество каде роботите ќе ја вршат работата, а луѓето ќе ги собираат наградите. Ваквата иднина тој ја смета за безбедна.

„Секогаш сме внимателни и не сакаме да одиме по патот на Терминаторот“, рече тој, правејќи споредба со киборгот убиец од познатите филмови.

Тој додаде дека Tesla ја зема предвид безбедноста, а еден од начините е стоп копче со кое не може да се манипулира.