Amazon во моментов бара простор во Лондон, во кој би ја отворил својата прва продавница без каси надвор од границите на САД. 

Како што се ближат божиќните празници, така се зголемуваат и гужвите во продавниците, посебно за време на викендите, кога се искористува слободното време за купување подароци за најмилите личности. Целиот процес на чекање во ред, интеракцијата со продавачите и плаќањето може да трае долго и да биде заморно, особено во денешно време, кога речиси воопшто немаме слободно време. Но, решение за овие проблеми постои и можеби наскоро ќе биде достапно и на Балканот.

Тоа решение не е идеално, затоа што иако ќе се забрза купувањето, ќе резултира со бројни откази. Станува збор за продавниците на Amazon, во кои нема да има каси, туку купувачите сами ќе го земаат тоа што им треба, по што ќе ја напуштат продавницата. Благодарение на бројните сензори, компјутерскиот вид и камерите, се што ќе стават купувачите во корпа ќе се следи и ќе се бележи, па кога ќе ја напуштат продавницата, ќе им биде наплатено.

При влезот во продавницата ќе треба да се регистрираат со сметка на Amazon, со цел софтверот да знае за кого се работи и од која сметка треба да повлече пари.

Продавниците Amazon Go моментално се достапни во неколку американски градови. До 2021 година, Amazon планира да отвори околу 3.000 такви продавници, а се чини дека Џеф Безос планира дел од тие продавници да бидат лоцирани во Европа.

Според весникот The Telegraph, компанијата моментално бара соодветен простор во Оксфорд Циркус во Лондон и тоа би требало да биде главната продавница на Amazon во Велика Британија. Безос и Amazon моментално се во фаза на демонстрирање на својата технологија и веќе докажаа дека нивиот концепт е успешен, што значи дека наскоро може да преминат во фаза на отворање на нови продавници.

Освен САД и веројатно Велика Британија, продавници без каси во наредните три години ќе бидат отворени и во други држави.

Извор: Zimo.hr