Во поплавите што го погодија Пакистан, каде што во невидена сезона на монсуните загинаа стотици, дождот сега му се заканува на познатиот археолошки локалитет Мохенџо Даро, стар 4.500 години.

Остатоците на Мохенџо Даро, лоцирани во јужната провинција Синд во близина на реката Инд и на светско наследство на УНЕСКО, се сметаат за меѓу најдобро зачуваните урбани населби во Јужна Азија. Откриени се во 1922 година, а мистеријата сè уште го опкружува исчезнувањето на нивната цивилизација, која постоела во времето на Стариот Египет и Месопотамија.

Неодамнешните поплави не го погодија директно Мохенџо Даро, но рекордните дождови ги оштетија остатоците, рече Ахсан Абаси, кустос на локацијата.

„Неколку големи ѕидови кои биле изградени пред речиси 5.000 години се урнати поради монсунските дождови“, рече Абаси.

Абаси рече дека работниците започнале со реконструкција на оштетените делови под надзор на археолозите, но не даде проценка колку ќе чини санирањето на штетите.

Познатата „будистичка ступа“, голема хемисферична структура поврзана со богослужба, медитација и погреб не е оштетена. Сепак, врнежите оштетија некои надворешни ѕидови, како и некои поголеми ѕидови кои одвојуваат поединечни простории или комори.

Абаси рече дека цивилизацијата во Мохенџо Даро, позната и како „Могила на мртвите“ на локалниот синди јазик, изградила сложен систем за одводнување.

Иако поплавите го зафатија цел Пакистан, провинцијата Синд е меѓу најтешко погодените. Во понеделникот, армиските инженери направија втор пресек на насипот на езерото Манчар, најголемото пакистанско слатководно езеро, за да ги ослободат надојдените води со надеж дека ќе го спасат блискиот град Сехван од големи поплави.