Тимот научници кои претходно оваа година трансплантираа генетски модифицирано свинско срце на човек изврши уште две такви операции, воспоставувајќи протокол за процедури од овој тип.

Во јануари оваа година, 57-годишниот Дејвид Бенет стана првиот човек на планетата кој добил генетски модифицирано свинско срце. Свински бубрези биле трансплантирани пред оваа операција, но на пациенти кои доживеале мозочна смрт.

Органите се донирани од компанијата Revivicor која користи генетски инженеринг за отстранување на специфични гени кај свињите за да се намали ризикот од отфрлање на органите за трансплантација и да се направи органот покомпатибилен со човечкиот имунолошки систем.

По јануари беа направени уште две трансплантации на свинско срце, едната во јуни, а другата во јули. Набавката, транспортот, трансплантацијата и имуносупресијата беа извршени во согласност со сегашните клинички стандарди за трансплантација на срце.

„Нашата цел е да ги интегрираме практиките што се користат при типични, секојдневни трансплантации на срце, само со орган кој не е човечки кој ќе функционира нормално без дополнителна помош од недокажани уреди или лекови“, рече водечкиот истражувач Надер Моазами.

Двете операции биле направени на пациенти кои доживеале мозочна смрт, а новопресадените срца биле чувани на вентилатор 72 часа. Во овој период не се забележани знаци на одбивање.

Во случајот на Бенет, кој почина два месеци по операцијата, беше откриено дека трансплантираниот орган е заразен со свински вирус.

Научниците истакнаа дека подобрувањето на скринингот за заразни болести може да биде клучен фактор за успехот на ксенотрансплантираните органи, па затоа истражувачкиот тим воведе нов протокол за заразна болест за откривање на присуство на свински цитомегаловирус (pCMV).

Исто така, воведени се дополнителни протоколи за проверка и следење на преносот на свински ендогени ретровирус (PERV).