Во средината на јули Hyundai ќе ги објави техничките податоци за својот нов електричен модел, кој може да се смета за директен конкурент на Tesla 3.

Во Hyundai ги симнаа маскирните фолии и открија како изгледа сериското издание на нивниот нов електричен модел, чија триволуменска каросерија се крие зад името Ioniq 6, а објавија и неколку фотографии на кои се гледаат делови од патничката кабина на автомобилот, кој се смета за конкурент на Tesla Model 3.

Изгледот на минималистички дизајнирана каросерија јасно асоцира со претходно претставениот концепт модел Prophecy.

Во овој случај, класичните надворешни ретровизори се заменети со камери, а меѓу многуте впечатливи надворешни детали се и интересно дизајнираните алуминиумски бандажи.

Внатрешноста во многу детали потсетува на решенија од повеќенаградениот модел Ioniq 5, на чија платформа (E-GMP) се базира Ioniq 6.

Неофицијално, Hyundai ќе ги објави сите технички спецификации на 14 јули, а засега се спомнува дека капацитетот на батериите во подот на триволуменските „Шестки“ изнесува 77,4 kWh.

Сосема е сигурно дека Ioniq 6 ќе се нуди и во комбинација со еден или два електромотори, по примерот на моделот Ioniq 5 и „братот“ EV6 на KIA.